Екипата на Маџари привремено се искачи на првото место на табелата во Втората македонска лига откако денеска славеше во дербито со Соколи со 77-73.
Штипјани до ова коло беа во серија од седум кола, но не успеаја да го совладаат тимот на Маџари против кого триумфираа во Скопје во првиот дел од првенството со 96-81. Најефикасен во победничкиот тим беше поранешниот македонски репрезентативец Ивица Димчевски кој постигна 16 поени, Нацевски и Митков реализираа по 14, а голем придонес имаше и Алек Петковски кој заврши со 12 поени, но одигра мошне битна улога во клучни моменти.
Ова беше 10. победа по ред за Маџари кој последен пат е совладан од МЗТ Скопје УБ, на 17 ноември 2024 година. Пред еден месец славеше во дуелот со уште еден конкурент за највисок пласман, Ангели, па постои можност од утре три екипи да бидат на делба на првото место на табелата, со биланс 13/3.
Маџари има голема шанса да го заврши основниот дел од првенството како лидер бидејќи во следното коло се среќаваат Ангели и Соколи во Скопје и еден од нив ќе заостане, на пет кола пред крајот.


