Новакот во македонската кошаркарска Суперлига, Маџари оствари уште една голема победа во дебитантската сезона во елитата откако вечерва на домашен терен го совлада МКК Куманово со 94-78.
Подобриот почеток и финиш на мечот му овозможија на тимот од источниот дел на Скопје да ја оствари седмата победа и да се искачи на петтата позиција на табелата со биланс 7/6. Го достигна и својот денешен ривал кој лошо ја почна втората полуетапа, со порази од Чаир на домашен терен и денеска од Маџари во Скопје.
Интересно е тоа што МКК Куманово ниеднаш не се најде во водство на денешниот натпревар. Маџари отвори со 8-0, а првата четвртина ја заврши со двоцифрена предност (29-19), благодарение на тројката на Грин со истекот на времето. Гостите покажаа знаци на живот кон средината на вториот период кога со серија од 10-0 се доближија на само еден поен (31-32), но Маџари брзо се созеде од шокот и до крајот на полувремето пак направи пристојна предност (51-42).
За разлика од првиот дел, во вториот МКК Куманово не се ни обиде да направи пресврт. Постојано беше во голема негатива, па Маџари само мирно го приведе натпреварот кон крај и дојде до посакуваниот триумф.
Најефикасен беше Армстронг со 27 поени, а се истакна и Грин со 23. Урош Луковиќ одигра монструозен меч за МКК Куманово, постигна 25 поени со само едно промашување од игра (11/12) и додаде 19 скока за индекс 44, но ни тоа не беше доволно за победа на неговиот тим.


