Дебитантот во кошаркарската Суперлига, Маџари ја испушти и третата шанса да дојде до првата победа во сезоната, а воедно и да направи огромна сензација.
Во последниот меч од третото коло, Пелистер славеше со 101-90, но до тешко извојуваниот триумф дојде по дури две продолженија откако по 40 минути игра, на семафорот стоеше 73-73. Маџари одигра фантастично прво полувреме, имаше и шут за победа, но не го искористи и домаќините дојдоа до победата.
На големо изненадување на гледачоте, по неполни шест минути игра Маџари имаше двоцифрено водство (15-5), а се наоѓаше во водство безмалку цело прво полувреме. Највисоката предност ја достигна на околу три минути пред крајот на вториот период кога водеше со 42-28.
Пелистер потоа почна полека да ја топи негативата, но Маџари водеше до последната минута од третата четвртина кога Дамјан Крстевски по едно положување го донесе Пелистер во предност од 59-58. Четири минути подоцна гостите повторно се вратија во водство, во финишот водеа со 73-70, но Малешевиќ и Митревси се погрижија за израмнување. Во последната минута двете екипи пропуштија шанса за водство, а последната ја имаше Луканоски со истекот на времето, но не ја искористи.
Пелистер испушти можност да дојде до победата по првото продолжение, водеше со 83-79 на 34 секунди пред крајот, но Стејплтон и Димчевски со тројка се погрижија за пресврт. Во финишот од продолжението дојде до чудна ситуација, Маџари доби слободно фрлање поради техничка грешка на клупата на Пелистер, па и по тие пет минути беше нерешено (85-85). Кога веќе не успеа од прва, домашниот тим не ја испушти втората шанса, второто продолжение го отвори со 9-1, подоцна повеќе со 99-88 и конечно стави крај на мечот.
Прајс со 24 поени го предводеше Пелистер, Вилсон постигна 17 поени и 14 скока, а Стајиќ 16 поени. Стејплтон со 21 поени беше најефикасен кај Маџари кај кого Хот оствари дабл дабл со 13 поени и 11 скока.


