Младиот и перспективен македонски центар Теодор Симиќ нема да патува денеска за Талин со остатокот од репрезентација, пред натпреварот против Естонија кој се игра в петок.
Кошаркарот на Кожув последните денови има грип и зголемена температура поради што отпадна од конкуренција за настап на можеби клучниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Тоа го остава селекторот Александар Јончевски со само еден класичен центар, Бојан Крстевски и со Страхил Николов кој би можел да се снајде на таа позиција. Не е исклучено, во зависност од здравствената состојба следните денови, Симиќ да биде во конкуренција за дуелот против Полска кој в понеделник се игра во Скопје. Тео требаше да биде еден од нашите адути под кошевите на петочниот натпревар со оглед на тоа што со 214 сантиметри е убедливо највисок македонски кошаркар.
За Талин нема да патува ни плејмејкерот на Работнички, Андреј Шошкиќ, а од списокот претходно отпадна и Итан Хап кој уште не заздравил од повредата што го мачи веќе четири месеци.
Репрезентацијата денеска патува за Талин и во експедицијата ќе има 12 кошаркари кои ќе се обидат да изборат победа со повеќе од пет разлика со што Македонија ќе остане во конкуренција за пласман на Европското првенство
СОСТАВ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Војдан Стојановски – МЗТ Скопје Аеродром
Андреј Магдевски – МЗТ Скопје Аеродром
Бојан Крстевски – МЗТ Скопје Аеродром
Андреј Маслинко – МЗТ Скопје Аеродром
Марин Петков – МЗТ Скопје Аеродром
Стојан Ѓуроски – Работнички
Дамјан Робев – Работнички
Виктор Ефремовски – Работнички
Страхил Николов – ТФТ Скопје
Ненад Димитријевиќ – ОлимпиЈа Милано
Лејсон Зеќири – Башкими
Ти Џеј Шортс – Парис


