ФИБА денеска официјално го објави изгледот на шеширите пред ждрепката за претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Тоа е втора фаза од претквалификациите откако во првата учествуваа десет репрезентации, главно аматери во овој спорт. Македонија се најде во вториот шешир, заедно со Холандија, Данска и Словачка што значи дека овие селекции не можат да ни бидат ривали во групата. Со оглед на тоа што најдобрите две од секоја група продолжуваат понатаму, шансата би требало да ја бараме во дуелите со Швајцарија, Романија, Австрија или Норвешка.

Ждрепката за претквалификациите за Светското првенство ќе се одржи на 14 март во швајцарскиот град Мие, од 14 часот. Натпреварите од оваа фаза се на програмата од 2 до 20 август, а ќе се игра двокружно, секој со секого. Најдобрите две од секоја група продолжуваат во главните квалификации за Светското првенство, а третопласираните одат во прва фаза претлвалификации за Европското првенство во 2029.


