Половина година откако беше назначен, Марјан Илиевски поднесе оставка на селекторската функција, на општо изненадување на кошаркарската јавност во земјава.
Федерацијата денеска објави дека ја прифатила одлуката на искусниот стручњак кој го водеше националниот тим од јуни минатата година.
„Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација, на седницата одржана на 20. јануари 2026 година, ја разгледа и едногласно ја прифати оставката на селекторот на машката сениорска репрезентација, Марјан Илиевски, поднесена непосредно пред почетокот на седницата.
Иако Управниот одбор беше изненаден од ваквата одлука, Федерацијата во целост ја почитува личната и професионалната одлука на Илиевски и уште еднаш упатува искрена благодарност за неговиот ангажман, професионалност и придонес во периодот додека ја извршуваше селекторската функција, со желби за многу успех во неговата понатамошна кариера“, стои во соопштението од МКФ.
Илиевски ја водеше репрезентацијата во претквалификациите за Европското првенство одржани во август 2025 и на стартот на претквалификациите за Светското првенство. На шест меча оствари три победи и ја остава селекцијата на првото место во групата во која се уште Ирска, Азербејџан и Луксембург.


