Со драстично засилен состав во однос на летните претквалификации за Светското првенство, македонската кошаркарска репрезентација вечерва почнува нов циклус, сега за континентален шампионат, но од најниското скалило.
Нашиот национален тим ќе игра прва фаза претквалификации каде за противници во групата ги доби Азербејџан, Ирска и Луксембург. За репрезентација која пред 14 години беше четврта сила во Европа, без оглед на големите промени и падот во меѓувреме, се освен прво место во вакво друштво ќе биде неуспех и затоа јавноста очекува максимално залагање на сите инволвирани во овој процес.
Македонија ги заврши летните претквалификации со одлична игра и убедлива победа против Унгарија во Скопје и тоа во момент кога голем дел од квалитените репрезентативци не му беа на располагање на селекторот Марјан Илиевски. Сега тие во најголем број се во тимот, конкуренцијата е уште послаба и затоа нема простор за евентуален кикс. Во меѓувреме и националниот тим е засилен со уште еден евролигашки кошаркар, натурализираниот Омари Мур кој вечерва ќе дебитира.
Прв противник на Македонија е Азербејџан, селекција без голема кошаркарска традиција, без познати играчи и репрезентација која низ својата историја главно играла во оваа фаза од претквалификациите. Пласман во следниот сегмент од претквалификациите обезбедуваат првопласираните репрезентации од секоја група, плус најдобрата втора селекција.
Вечерашниот натпревар се игра од 19 часот во Кале, а Кошаркарската федерација на Македонија одлучи влезот да биде слободен.


