Женската сениорска репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз, во третиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2027 година откако денеска загуби на гости од Хрватска со 55-83.
Домаќинките беа фаворити за триумфот и заслужено победија, но нашите кошаркарки добро се држеа во првата четвртина. Неколку пати беа во водство, последното со 16-15 по што почна доминацијата на хрватската репрезентација.
На крајот од воведниот квартал беше 19-17 за „коцкестите“, а потоа направија серија од 12-3 со која отидоа на двоцифрена предност. Голем дел од дилемите околу победникот беа решени до крајот на полувремето, а веќе во третиот период, главна цел беше да не доживееме катастрофа на овој натпревар.
Хемпе и Митрашиновиќ со по 15 поени беа најефикасни во македонската репрезентација со тоа што капитенот повторно беше блиску до трипл дабл, додавајќи уште осум скока и осум асистенции.


