Викендов на програмата е 17. коло од полското кошаркарско првенство, а за македонската јавност најинтересен ќе биде дуелот меѓу екипите предводени од двајцата наши стручњаци.
Во директна пресметка ќе се сретнат актуелниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски и неговиот прв асистент Никола Василев, односно екипите на Шлонск и Арка. Две од трите најтрофејни екипи во историјата на полското првенство последните години се далеку од врвот, а комбинирано од 2011 година имаат само една титула, освоена од Шлонск пред три сезони.
Во пресрет на мечот, Шлонск се наоѓа во плејин зоната, на деветтата позиција, додека Арка е претпоследна, но со натпревар или два помалку од ривалите пред неа. Денешниот натпревар, чиј домаќин е Шлонск, се игра во Вроцлав од 17:30 часот.
Кон крајот на месецов, Јончевски и Василев повторно ќе соработуваат во македонската репрезентација која ја очекуваат дуели со Естонија и Полска во квалификациите за Европското првенство.


