Повремениот македонски репрезентативец Марко Миловановиќ по 2,5 години во татковината, се врати во Италија каде и ја почна професионалната кариера.
Крилниот играч е нов член на италијанскиот третолигаш Фиденца каде заминува по половина сезона во тимот на Маџари. Претходните две години Миловановиќ беше член на МЗТ Скопје со кого освои по два трофеја во првенството, Купот и Суперкупот на Македонија.
На почетокот од својата кариера, тој играше за италијанскиот второлигаш Јуви Кремона каде дебитираше на само 17 години. Своевремено, Миловановиќ беше еден од најголемите таленти во Македонија, избран во идеалната петорка на Европското кадетско првенство Б-дивизија што се одржа во Сараево во 2018 година каде нашата репрезентација го освои бронзениот медал и обезбеди пласман во елитната конкуренција.
Нашиот кошаркар треба да ѝ помогне на Фиденца да го поправи својот пласман бидејќи по 19 одиграни кола се наоѓа на претпоследната позиција на табелата со биланс 2/17. Покрај Миловановиќ, екипата зимава се засили со уште неколку кошаркари, а своето деби, македонскиот интернационалец би требало да го забележи в недела против Виченца на домашен терен.


