На два дена пред продолжението од кошаркарската Суперлига, екипата на Ангели доби мега засилување во борбата за опстанок.
Нов член на тимот од Драчево е еден од најталентираните македонски кошаркари и сениорски репрезентативец Рубин Стефанов кој во Ангели доаѓа по двегодишниот престој во Италија. Таму настапуваше за тимот на Унибаскет Ланчано и беше најдобар стрелец во У19 лигата во која се натпреваруваше, но одлучи да се врати во татковината и тука да го помине вториот дел од оваа сезона.

Иако има само 20 години, Стефанов досега главно настапуваше во странство. Роден во Сиена, почна во младинската школа на МЗТ Скопје со кој беше шампион на Македонија за подоцна да тренира во неколку италијански клубови, а извесен период помина во Анадолу Ефес.
Конекциите со Ангели се одамна, за овој тим настапуваше и пред неколку години, а сега ќе биде силен адут во борбата за суперлигашки опстанок на тимот предводен од Игор Гацов.


