Во текот на викендот беше одиграно последното, 11. коло од првата полуетапа во македонското кошаркарско првенство и планот беше да продолжи околу 10 јануари.
Тоа, сепак, нема да се случи бидејќи Кошаркарската федерација денеска донесе одлука паузата во македонската кошарка да трае до 24 јануари, односно безмалку еден месец, поради ладните сали низ земјава. Од утре до сабота на програмата се натпреварите од првата фаза во Купот, во која учествуваат екипите од 5. до 12. место, додека останатите веќе се заминати на малку подолг одмор.
„Врз основа на извршените теренски проверки, доставените информации од клубовите, како и анализата на реалните услови за одржување на натпревари во зимскиот период, Ве информираме дека почетокот на натпреварите во сите сениорски лиги во 2026 година се одложува за викендот 24-25.01.2026 година.
Причината за донесување на оваа одлука е објективната неможност на поголем дел од клубовите да обезбедат соодветно загревање на спортските сали, односно да се постигне минималната препорачана температура од најмалку 12 степени Целзиусови, која е неопходна за безбедно и регуларно одигрување кошаркарски натпревари“, пишува, меѓу другото, во известувањето на Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ.
Во следниот период ќе биде донесена одлука дали пропуштените две кола, односно два викенда, ќе бидат надополнети во текот на првенството или сезоната ќе биде продолжена.


