Инцидентот што го предизвикаа навивачите на дуелот против МЗТ Скопје во саботата, скапо ќе го чини дебитантот во Првата лига, МКК Куманово.
Фановите на кумановскиот прволигаш на полувреме од мечот го нападнаа својот кошаркар Тадија Тадиќ и се обидоа да му го соблечат дресот, наводно поради провокации од негова страна. Полицијата спречи поголем инцидент, но официјалните лица побараа празнење на салата што беше трет таков случај на натпревар на МКК Куманово оваа сезона.
Како последица на тоа, Комесарот за натпреварувње го казни МКК Куманово со вкупна сума од 400 илјади денари по повеќе основи и тоа е најголема поединечна казна во историјата на македонската кошарка. Освен тоа, клубот ќе игра четири натпревари без публика од кои еден веќе утре, против Работнички во серијата за третото место и останатите три идната сезона.


