Работнички неславно ја заврши турбулентната сезона откако загуби и во „малото“ финале од плејофот, од МКК Куманово.
За разлика од најтрофејниот клуб во земјава, дебитантската сезона за МКК Куманово е од соништата бидејќи овој тим денеска славеше и во вториот меч од серијата со Работнички, со 81-62 и го освои третото место што треба да овозможи учество во АБА 2 лигата. Вториот меч помина во тотална доминација на домашниот тим за што причините лежат и во тоа што Работнички во меѓувреме остана без странските кошаркари Мениго и Капетановиќ.
Во такви услови, гостите беа рамноправни во првото полувреме, но снемаа сили во вториот дел во кој постигнаа само 29 поени. МКК Куманово ги искористи сите слабости на противникот за да дојде до убедлива победа со која ја круниса дебитантската сезона во Првата лига.
Блескаше Луковиќ со 19 поени и 13 скока, без промашување од игра (9/9), а се истакна и Тадиќ со 16 поени, 10 асистенции и 6 скока. Робев беше најефикасен кај Работнички со 13 поени, а Рош имаше дабл дабл со 12 поени и 11 скока.


