Младинската школа на Работнички, од која во минатото излегоа некои од најдобрите кошаркари на Македонија на сите времиња, денеска потпиша соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје.
Меморандумот подразбира поддршка на Универзитетот за проектите на школата, како и за младите кошаркари кои настапуваат таму.
„Со возбуда и гордост, денес потпишавме Меморандум за соработка со Младинската школа на КК Работнички.
Горди сме затоа што веруваме дека со нашата поддршка, отвораме ново поглавје во развојот на најперспективната кошаркарска школа за млади во Македонија!
Возбудени сме затоа што знаеме дека кога ќе се здружат непоколебливоста на Младинската школа на КК Работнички и иновативноста на Универзитетот Скопје – не може да се очекува ништо друго освен светски успех на младите кошаркарски таленти од Македонија!
Посветени сме да инвестираме во соништата на младите затоа што веруваме дека победничкиот дух се кали од најмали нозе, а победите ни се потребни за да не заборавиме кои сме!
Им посакуваме многу успеси на нашите херои од Младинската школа на КК Работнички!“, објави Универзитетот.


