Екипата на МКК Куманово го задржа максималниот ефект во Суперлигата оваа сезона откако вечерва на домашен терен го совлада Феникс со 99-81.
Мечот требаше да се игра синоќа, но поради лизгавиот терен беше одложен за денеска. Кумановци повторно одиграа на ниво, како и на претходните два наѕпревара од првенството и заслужено дојдоа до нов триумф.
Феникс подобро го почна натпреварот и водеше со 4-0 по една минута игра, но гостите и треба да бидат задоволни со конечниот резултат затоа што МКК Куманово во еден период водеа и со 28 поени разлика. Неизвесно беше во воведните осум минути кога Феникс во уште неколку наврати се најде во предност, а последниот пат беше израмнето на 19-19. МКК Куманово првпат се одлепи на почетокот од вториот период кога со три тројки во низа отиде на 37-24, потоа со уште неколку помали серии ја зголеми предност и на полувреме беше 53-29. Највисоката предност домаќините ја достигнаа на нешто помалку од четири минути пред крајот на третиот период кога на резултатот стоеше 70-42.
Убедливо најзаслужен за победата на МКК Куманово беше Урош Луковиќ кој оствари монструозен дабл дабл со 22 поена и 18 скока, доминирајќи под двата коша. Рахама го предводеше Феникс со 22 поена.


