Актуелниот шампион МЗТ Скопје е прв финалист во македонското кошаркарско првенство откако вечерва по трет пат славеше во серијата со МКК Куманово и со вкупни 3-0 ја мина и втората пречка.
МЗТ денеска беше и најубедлив, на гостински терен триумфираше со 88-61 и со тоа ја продолжи победничката серија имајќи предвид дека славеше на сите шест меча во годинашниот плејоф. Наспроти очекувањата за драматичен дуел и неизвесност до крајот, победникот беше решен уште во првото полувреме
Шампионот беше поконкретен на почетокот, но сите дилеми ги реши во вториот период кој го доби со 29-10 и на голем одмор замина со предност од 53-28. Кога на крајот од полувремето дојде до инцидент и беше нападнат домашниот кошаркар Тадија Тадиќ, а судиите наредија празнење на салата, стана јасно дека МКК Куманово нема никакви шанси на овој меч.
Војдан Стојановски со 18 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Едвин и Копривица постигнаа по 15, а Крстевски 12. Петровиќ со 16 поени го предводеше тимот на МКК Куманово. Ова е вкупно 19. финале во плејофот за МЗТ Скопје, 12. по ред и во него ќе се бори за 12. шампионска титула во историјата.


