По поразот на ТФТ од Шкупи во неделата, актуелниот шампион МЗТ Скопје му избега на две победи разлика на својот најблизок следбеник, по 16 одиграни кола од Првата македонска кошаркарска лига.
Бранителот на титулата се наоѓа во низа од седум победи во првенството, серија која трае безмалку два месеца. Во истиот период ТФТ доживеа дури четири порази, па од лидер на табелата, го доведе во прашање и второто место бидејќи во случај на пораз во дербито со Работнички претстојниот викенд ќе падне најмалку на третата позиција.

Токму на третото место е најголемата борба бидејќи четири екипи се израмнети со биланс 10/6: Работнички, Кожув, МКК Куманово и Пелистер. Во преостанатите шест кола има многу дуели на овие две екипи кои ќе го дадат конечниот распоред пред плејофот.

Интересно во моментов е и во битката за осмото место, односно плејаутот. По трите порази по ред, во преден план изби Феникс кој сега е осмопласиран со биланс 7/9, а го следат Тиквеш и Шкупи со 6/10. Гостивар е во мошне тешка ситуација, со серија од четири порази, а во следното коло го пречекува МЗТ Скопје.


