Откако вчера победнички ја почна втората полуетапа во домашното првенство, шампионот на Македонија, МЗТ Скопје денеска ги стартува подготовките за последните две кола од АБА 2 лигата каде не му е дозволен кикс.
Првиот од двата натпревара го игра в среда на домашен терен против црногорскиот претставник Подгорица и не смее да загуби ако сака да остане во игра за топ-8. Ситуацијата е критична затоа што МЗТ Скопје во моментов е на десеттото место на табелата со биланс 3/3, колку што имаат и Слобода и Јахорина кои се пред него. Со по четири победи се пет екипи, меѓу кои и ТФТ.
Подгорица е една од најслабите екипи во оваа конкуренција со само една победа досега и тоа против последнопласираниот Раднички. За сигурен пласман во плејофот, МЗТ Скопје мора да слави во ова коло, но и во последното кога гостува кај Широки, екипа што во моментов е лидер на табелата.
Вториот македонски претставник ТФТ, својот натпревар од седмото коло го игра идната недела против Студент на домашен терен.


