Иако со само десет кошаркари во ростерот, актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје без поголеми проблеми излезе на крај со Феникс, тим кој претходните сезони знаеше да му донесе многу неволји.
Аеродромци славеа со 92-63, колку да заборават на се што им се случуваше последните две недели, од елиминацијата од АБА 2, преку поразот од ТФТ, до заминувањето на двајца кошаркари. Јасно беше дека МЗТ Скопје е фаворит на денешниот меч, а победата во ниеден момент не беше доведена во прашање.
Феникс беше рамноправен во првите 16 минути во кои МЗТ главно беше во водство, но таа беше лесно достижна. По 28-28, шампионот направи серија од 14-0 и на стартот од второто полувреме поведе со 42-28, па потоа до крајот на мечот немаше никакви дилеми околу конечниот исход.
Бојан Крстевски го одигра својот најдобар натпревар оваа сезона постигнувајќи 20 поени, речиси три пати повеќе од неговиот просек. Се истакна и Маслинко со 14 и Дамјан Стојановски со 13 поени. Адетукаси беше најдобар во екипата на Феникс со 15 поени.


