Иако се бори за опстанок во елитната конкуренција, Гостивар последниот месец оствари неколку забележителни резултати.
Прво го совлада шампионот МЗТ Скопје, во четвртфиналето од Купот го елиминира првиот носител ТФТ, а вечерва го совлада и Кожув во Гевгелија со 105-102. Исклучително ефикасниот натпревар заслужено им припадна на гостиварци кои останаа во игра за пласман во плејофот и покрај тоа што на четири кола пред крајот заостануваат две победи зад Феникс.
До средината на третата четвртина, Кожув беше тој што го диктираше темпото и во еден период имаше предност и од шест разлика, на пауза се замина со нерешен резултат (53-53), а потоа гостите ги презедоа конците во свои раце. Со серија од 10-0 се одлепија на 74-66 за пред крајот на третиот период да поведат и со 12 поени разлика (86-74). Кожув го имаше одличниот Колев кој речиси не промаши од игра, но откако го презеде водството, Гостивар не дозволи да ги загуби.
На седум минути пред крајот, гостите имаа 95-82, но Кожув успеа да се доближи на 92-96. Во финишот, гевгеличани останаа без Колев кој поради пет лични грешки мораше да го напушти теренот. На 17 секунди пред крајот, по кошот на Бојчев, Кожув се доближи на 102-103, но Зивчевиќ со забивање стави точка на сите надежи на домашниот тим за евентуален пресврт.
Митевски и Елис со по 23 поени беа најефикасни кај Гостивар, но гостинскиот тим имаше дури шест двоцифрени кошаркари. Колев застана на 34 поени со шут од игра 15/17, Пилепиќ додаде 25, а Симиќ го одигра својот најдобар натпревар, постигнувајќи 15 поени за само 13 минути на теренот. За гевгелискиот тим, ова беше четврти пораз во последните пет кола, а претстојниот викенд пред своите навивачи го пречекува шампионот МЗТ Скопје, во реприза на финалето од Купот на Македонија.


