Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје го совлада ТФТ со 74-68 во дербито на 20. коло и на два круга пред крајот на основниот дел го обезбеди првото место пред плејофот.
На аеродромци им требаше победа повисока од пет разлика и победи со шест иако во најголем дел од последната четвртина предноста беше двоцифрена. Единственото водство на мечот, ТФТ го имаше на стартот кога по тројката на Говенс поведе со 3-0.
МЗТ одговори со седум поени во низа и потоа не ја испушти предноста. Домаќините играа одлично во одбраната, го задржаа ТФТ на само 11 поени во првата четвртина, а во 12. минута првпат отиде на двоцифрена предност (24-14). Неколку секунди ги достигна и највисоките +14 (28-14), а до крајот на мечот, најмногу што успеа да се доближи ТФТ беше четири разлика (39-43) на средината од третиот квартал. На 90 секунди пред крајот, МЗТ водеше со 74-60, но во финишот ТФТ направи од 8-0 и го ублажи поразот.
Дион Едвин со 23 поени и 12 скока беше најдобар играч на натпреварот, Војдан Стојановски постигна 12, а Маслинко 11 со 9 скока за МЗТ Скопје. Зафиров одигра одличен меч, постигнувајќи 20 поени, како најефикасен играч на ТФТ. Тимот од Тафталиџе апсолутно потфрли во шутот за тројка, погоди 8 од 33 и тоа две од нив беа во последната минута, кога победникот веќе беше познат.
Освен тоа, ТФТ не само што ги загуби шансите за првото место, туку го доведе во прашање и второто бидејќи Работнички или МКК Куманово утре ќе се израмнат со него.


