Денеска почнува десетдневната пауза во македонското кошаркарско првенство, а како лидер на мини-одмор заминува екипата на ТФТ.
Тимот од Тафталиџе го искористи киксот на Пелистер во Гостивар и сега има бод повеќе во однос на битолчани и на актуелниот шампион МЗТ Скопје. Во деветтото коло се среќаваат токму Пелистер и ТФТ и тоа ќе биде директен дуел за првото место на табелата.
Сепак, во најдобра форма во моментов е тимот на МЗТ Скопје кој е единствен без пораз на терен, но поради административна грешка го загуби дуелот со Ангели и затоа заостанува зад ТФТ и Пелистер. До крајот на првата полуетапа шампионот има релативно лесен распоред, најтежок дуел на хартија ќе му биде дербито со Работнички, најверојатно во Градски парк и има шанса да се искачи на лидерската позиција.
Од четвртата до 11. позиција, екипите се мошне израмнети и до крајот на сезоната ќе се води жестока борба за местата кои во групата за титулата и групата за опстанок.


