Како што беше најавено во текот на викендот, шампионот на Македонија, МЗТ Скопје договори и петти странец со кого ќе се обиде да избори пласман во елитната дивизија во АБА лигата.
Станува збор за српскиот интернационалец Душан Танасковиќ кој се враќа во Аеродром откако член на „штрковите“ беше во сезоната 2023/24. Во тој период со МЗТ Скопје освои тројна круна по што замина во Мега, а оваа сезона ја почна во босанскиот прволигаш Борац од Бања Лука. Во петокот си замина оттаму и кариерата ќе ја продолжи во Скопје каде ќе му биде на располагање на тренерот Васко Атанасов.
Танасковиќ ќе ја засили центарската позиција и со него во тимот, МЗТ ќе атакува на титулата во АБА 2 лигата. Шампионот на Македонија в четврток му гостува на Златибор, а последниот меч за оваа година го игра во текот на викендот, против Чаир на домашен терен.
Во вториот дел од сезоната се очекува во екипата да се врати и Андреј Маслинко кој дополнително ќе ја засили конкуренцијата во тимот.


