Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје без поголеми проблеми славеше во своето прво дерби во сезоната, откако на домашен терен го совлада МКК Куманово со 73-60.
Кумановци до ова коло беа без пораз, но денеска немаа одговор за фантастичната одбрана, па вториот најдобар напад во лигата, кој претходно постигнуваше во просек по 94 поени, вечерва остана на само 60. Единствено во последната четвртина, кога победникот веќе беше решен, МКК Куманово ја мина границата од 20 поени.
Почетокот беше очаен за двете екипи, по десет минути игра на семафорот стоеше 12-12, како на ракометен натпревар. МКК Куманово и во вториот период остана на својата неефикасност, додека МЗТ се разбуди во нападот, до полувреме предност од шест разлика, а веќе во третата четвртина направи двоцифрено водство. Сите дилеми околу победникот беа решени пред крајот на третиот и почетокот на последниот квартал кога шампионот направи серија од 13-0 и отиде на огромни 58-37 кои гостите потоа не успеаја да ги загрозат.
Гил со 23 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, а само уште Војдан Стојановски беше двоцифрен, со 19. Кумановци немаа ни толку, само еден и тоа Радукиќ кој оствари дабл дабл со 17 поени и 13 скока.


