Кошаркарскиот клуб Барселона и францускиот интернационалец Тома Ертел треба да ја добијат наградата за најбизарен договор во историјата на кошарката.
Како што известуваат медиумите во Шпанија, Ертел се наоѓа во главниот град на Каталонија каде денеска ги поминал медицинските прегледи и треба официјално да стане играч на Барселона. Тоа е истиот кошаркар кој играше за „блауграна“ од 2017 до 2021 година, а пред четири години Барселона го остави на аеродром на полноќ, среде зима, затоа што се проширија шпекулации дека тој преговара со Реал Мадрид.
„Каталонците“ се враќаа од Истанбул од дуел против Анадолу Ефес кога излегоа информации дека Ертел форсира раскин на договорот за да се пресели во Мадрид. На тогашните челници на Барса тоа не им се допаднало и за да му се одмаздат го оставија во Истанбул, па Французинот морал да бара помош од кошаркари кои играат во овој турски град за да преспие кај нив и утредента да се врати во Шпанија. Од Барселона демантираа дека го оставиле Ертел, туку дека тој сам одлучил да остане таму, но подоцна плејмејкерот беше суспендиран и оставен да тренира со вториот тим, само за да не се пресели во Реал. Неколку месеци подоцна беше отстапен на Асвел, само за француското првенство, а во Реал замина летото 2021 година и остана таму само една сезона по што се пресели во Истанбул.
Сега Барселона се соочува со проблеми на плејмејкерската позиција, во Барселона во меѓувреме се смени раководството, а и Јасикевичиус повеќе не е тренер, па Ертел треба да помогне. Николас Лапровитола се повреди и нема да игра до крајот на сезоната, денеска си замина Раул Нето по само 38 дена во клубот и 35-годишниот Французин е избран да ја пополни празнината на плејмејкерската позиција. Последен тим во кој настапуваше Ертел е кинескиот Шенжен Лепардс, по две години во рускиот Зенит.


