Македонската кошаркарска репрезентација летово е во драстично изменет состав поради неиграњето на голем број стандардни членови.
Меѓу нив и Војдан Стојановски кој по повеќе од 15 години го откажа своето учество поради приватни причини. „Близнакот“ долго време беше капитен на репрезентацијата, па сега дојде време друг да ја добие таа улога. Честа му припадна на неговиот соиграч од МЗТ Скопје, Андреј Магдевски!
„Задоволство ми е што ќе го заменам Војдан ова лето. Секако, со капитенската функција доаѓа и поголема одговорност на теренот, како и во соблекувалната. Ќе се обидам атмосферата во екипата да остане како што била и до сега, и на теренот сите да продолжиме да играме за тимот и да гинеме за секоја топка“, вели Магдевски.
Од актуелниот играчки кадар, ако се изземе Џејкоб Вајли, тој и Адем Мекиќ се највозрасни. Двајцата имаат по 29 години, а разликата меѓу нив е 17 дена во „корист“ на Мекиќ.


