Најискусниот македонски кошаркар во актуелниот состав на репрезентацијата Адем Мекиќ ја потврди одличната атмосфера која владее во националниот тим.
Тој уште еднаш нагласи дека во екипата во моментов има голем број млади кошаркари за кои е потребно трпение, но и поддршка од навивачите за да го извадат најдоброто од себе.
„Романија не е лесен противник, но ова е млада репрезентација која сака да се докаже, има желба за победа и гладна за успех. За жал, имаме помалку искуство, но мислам дека тоа може да се надокнади со сите останати работи кои ги набројав. Би ја замолил публиката да ни даде поддршка и да има трпение со овие млади кошаркари. Верувам дека секој во тимот ќе даде максимум. Пресреќен сум што сум дел од оваа репрезентација и се надевам дека ќе оствариме позитивен успех. Најважно од нас во моментов е да дадеме 100 отсто на теренот“, кажа Мекиќ.
Не само поради годините, туку и поради квалитетот, тој, Вајли и Магдевски треба да бидат лидери на оваа селекција.


