Финалната серија од македонскиот кошаркарски плејоф ќе има и четврта епизода бидејќи ТФТ вечерва намали на 1-2 во серијата со МЗТ Скопје.
Тимот од Тафталиџе славеше со 63-58 за историска прва победа во својата клупска историја во финале од плејофот. Мечот беше исклучително лош и далеку од стандардите дури и за македонската кошарка, особено тоа важи за второто полувреме, но таквата ситуација подобро ја искористи ТФТ за да остане во игра за титулата.
Се чинеше дека МЗТ Скопје ќе доживее дебакл по очајното прво полувреме во кое губеше и со 20 поени разлика. На првиот поен чекаше пет, а на првиот кош од игра седум минути, за тоа време ТФТ направи 14-1, во вториот период водеше и со 39-19 по што веројатно никој не можеше да претпостави дека ќе има драма.
Она што го создаде во првото полувреме, ТФТ мошне евтино го испушти во третата четвртина во која прими 29 поени, шест повеќе отколку во првиот дел и му дозволи на противникот да направи целосен пресврт. На крајот од третиот период беше нерешено (52-52), на почетокот од последниот МЗТ имаше 56-52 и тука неочекувано застана. ТФТ направи серија од 11-0, шампионот направи многу почетинички грешки и му дозволи на домаќинот да се врати во игра и на крајот и да слави на овој натпревар. Колку беше лош натпреварот, најдобро зборува фактот што на влезот на последната минута, резултатот во последната четвртина беше 4-4.
Зек Браун со 20 поени, 8 скока и 5 асистенции беше најдобар играч на ТФТ, но се повреди во последната четвртина и многу веројатно ќе го пропушти следниот натпревар. Ташовски реализира 17 поени, а Говенс уште 15. Дион Едвин повторно го предводеше МЗТ Скопје, сега со 19 поени, Маслинко додаде 12, но целиот тим на шампионот имаше катастрофален шут за тројка (3/24).
Четвртиот натпревар од серијата е на програмата в понеделник, повторно на теренот на ТФТ.


