Неколку дена откако беше објавено дека ќе се врати во АБА лигата, Цибона официјално потврди во кое европско натпреварување ќе се натпреварува следната сезона.
Во последно време се зборуваше многу за тоа во кое европско натпреварување ќе се натпреварува загрепскиот гигант следната сезона. Во еден момент изгледаше реално дека ќе учествува во Еврокупот бидејќи и Евролига се согласи да ѝ даде на Цибона специјална покана, но на крајот, нема ништо од тоа. По играњето во ФИБА Европа Купот оваа година, Цибона ќе направи чекор напред следната сезона, но дефинитивно ќе остане под покровителство на ФИБА, што значи дека ќе учествува во Лигата на шампионите.
Главна причина за тоа се субвенциите од Кошаркарскиот сојуз на Хрватска кој на своите клубови кои ќе учествуваат во натпреварувањата на ФИБА им нуди 400 илјади евра. Дел од таа сума Цибона искористи за да си ја плати лиценцата за настап во АБА лигата имајќи предвид дека минатата сезона не учествуваше во натпреварувањата на оваа организација и немаше загарантирано учество.
Нема сомнение дека сите овие се многу позитивни знаци за Цибона, дека еден гигант на европската кошарка прави големи чекори кон нормално функционирање на клубот, а во овој момент се чини дека добри денови му претстојат на поранешниот европски шампион.


