Еден од дерби дуелите на 14. коло од Првата македонска кошаркарска лига, меѓу МКК Куманово и Пелистер нема да се игра вечерва.
Иако беше закажан за 18 часот, дуелот најверојатно ќе се игра утре бидејќи домаќините не ги исполнија условите за игра за кои беа опоменати од Кошаркарската федерација во текот на оваа недела. Конкретно, поради спој, не работеа уредите за мерење на нападите (24 секунди), а од Пелистер, како што најавија уште пред почетокот на втората полуетапа, не се согласија да се игра без тие да се во функција. Освен тоа, незадоволително било и осветлувањето во салата што е само уште една причина за одложувањето на мечот.
Организаторот се обиде непосредно пред почетокот на натпреварот да го реши проблемот, но не успеа во тоа. Судиите почекаа 20-тина минути и официјално го одложија натпреварот, а присутните гледачи се разотидоа.
Неофицијално, на кумановци им е даден рок до утре напладне да го решат проблемот. Во спротивно, најверојатно натпреварот ќе се игра утре од 18 часот во Кале во Скопје.


