Еден од највозрасните кошаркари во македонското првенство Ненад Зивчевиќ денеска објави крај на кариерата, на 39-годишна возраст.
Неговото пензионирање доаѓа на едно коло пред крајот на основниот дел од сезоната во македонското првенство, а одлуката стапува на сила веднаш, со оглед на тоа што тој информирал сите во неговиот досегашен клуб Гостивар дека нема да ја доврши сезоната.
Иако роден во Скопје и производ на школата на Работнички, Зивчевиќ никогаш не заигра за македонските репрезентации затоа што како тинејџер замина во Будуќност од Подгорица и тогаш доби државјанство на Србија и Црна Гора. Подоцна се врати во земјава и играше за повеќе македонски клубови, прво Работнички, па Плејмејкер, МЗТ Скопје, Лирија, Струмица, Куманово и на крајот Гостивар. Настапуваше и низ Европа, Азија и Африка.
Најголемите успеси ги оствари со младинските репрезентации на Србија и Црна Гора и подоцна Србија со кои освои златни медали на европското кадетско (2003), јуниорско (2005) и младинско првенство (2007).
За екипата на Гостивар, Зивчевиќ сезонава одигра 16 натпревари со ефект од 8,1 поен, 2,8 скока и 1,8 асистенции.


