Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје административно го загуби вчерашниот натпревар против Ангели на кој на теренот славеше со 78-55.
Причина за ваквата одлука на Комесарот за натпреварување е тоа што на мечот настапи Оливер Двојаковски кој не се наоѓаше во записникот, односно протоколот од мечот. Стручниот штаб направил превид и не го вклучил кошаркарот меѓу оние кои треба да настапат, а тој влезе во игра на средина од првата четвртина.
Официјалните лица од записничката маса реагираа непосредно пред да биде изведена топка од страна, но веќе беше доцна. Поради превидот на МЗТ Скопје, победата од вчерашниот натпревар службено му е доделена на тимот на Ангели, додека шампионот не добива ни бод предвиден за пораз.
Поради слична ситуација, пред неколку години од Првата лига испадна екипата на Вардар која во плејаутот против МЗТ Скопје 2 настапи со кошаркар што не се наоѓаше во записникот.


