Напорниот ритам на Евролигата ја проширува листата на повредени играчи од недела во недела, а во овој поглед, тимот на Олимпија Милано е во првите редови
Бројот на играчи кои имаа проблеми од почетокот на сезоната добива неразбирливи димензии. Најнов во низата е примерот со американскиот кошаркар Нејт Сестина, кој пристигна од Валенсија пред само неколку недели за да го замени повредениот Влатко Чанчар (кој во меѓувреме и си замина), а сега ќе мора да се подложи на операција на раката, што ќе го држи надвор од тимот најмалку три месеци.
Оваа информација ја потврди тренерот на италијанскиот тим Еторе Месина, на прес-конференција по убедливиот пораз на неговиот тим вечерва против Хапоел во Милано.
Повредата на Сестина е само една во низата за Армани од почетокот на сезоната. Сè започна со Џош Нибо и Лоренцо Браун, продолжи со Чанчар и Шевон Шилдс, а најнов во низата беше Зак Ледеј.
Сестина неодамна доби македонски пасош и фигурира на поширокиот список на селекторот Марјан Илиевски за ноемвриските претквалификации за Европското првенство во 2029 година. Сепак, јасно е дека нема да може да помогне против Азербејџан и Ирска, а ако навистина треба да паузира три месеци, тешко дека ќе го видиме во македонскиот дрес и во февруарскиот „прозорец“ кога го пречекуваме Луксембург и гостуваме во Азербејџан.


