Македонската кошарка последните години нема многу претставници во странство, а особено нема такви кои се носители на играта во своите екипи.
Исклучок од тоа е Андреј Јакимовски кој по пет години во НЦАА, во 2025 се врати во европската кошарка која ја напушти како јуниор и заигра на сениорско ниво. Практично се врати во Италија од каде во 2020 замина на Унивтерзитетот Вашингтон Стејт. Покажа дека годините во НЦАА не биле залудно потрошени и дека освен тоа што може да направи блескава кариера, треба во блиска иднина да биде и носител на репрезентацијата на Македонија. На стартот на претквалификациите за Еуробаскетот во 2029 одигра одлично, ја презеде „диригентската палка“ и најави дека е подготвен да го води националниот тим кон првиот настап на континенталниот собир по 2015 година.
По најуспешната година во неговиот живот, Јакимовски прави мал осврт и посочува што очекува во периодот што претстои.
Првпат во кариерата заигра сениорска кошарка во Европа. Какви се впечатоците за новата средина и натпреварувањата во кои учествуваш?
„Преодот во сениорска кошарка во Европа беше голем чекор, но искрено мислам дека добро се снајдов. Италијанската лига и Еврокупот се многу конкурентни, секој натпревар е физички и тактички тежок. На почетокот ми требаше време за адаптација, но со текот на сезоната се чувствувам сè посигурно и комотно на теренот.“

Каква е оценката по една полусезона помината во Тренто, сметајќи ги настапите и во италијанското првенство и во Еврокупот?
„Полусезоната беше мошне позитивна за мене. Играм добро, постигнувам поени и сум задоволен од мојата улога во тимот. Најважно ми е што можам да придонесам и што чувствувам доверба од тренерот. Секако, има работи што можат да бидат уште подобри, но генерално сум задоволен од тоа како се одвива сезоната.“
Дали е Тренто клуб што ги исполнува твоите амбиции во моментов и можеш ли во него да напредуваш?
„Да, во овој момент Тренто ги исполнува моите амбиции. Клубот има јасна визија, одлични услови за работа и супер организација. Тука имам можност да напредувам, да играм на високо ниво и да се развивам како комплетен играч. Освен тоа учествуваме во силен европски куп кој носи натпревари со силни и квалитетни ривали, па и ритамот е мошне силен, како подготовка, се надевам, на она што следи во иднина.“
Една споредба меѓу НЦАА и италијанската, односно европската кошарка?

„НЦАА кошарката е повеќе базирана на атлетика, ритам и индивидуален талент, додека европската кошарка е многу потактичка и подисциплинирана. Во Европа секој детаљ е важен, се чита играта и се казнува секоја грешка. Добро е тоа што сега сум навикнат на двата система бидејќи не само што можам да направам разлика, туку и можеби еден ден ќе треба да направам нова промена.“
Што е тоа по што ќе ја памтиш 2025 година на професионален план?
„Годината што изминува ќе ја памтам како година на голем напредок – прва професионална сезона во Европа, настапи во силно првенство и во Еврокупот, добри индивидуални партии и враќање во репрезентацијата. Ова беше посебна година, година во која направив важен чекор напред во кариерата.“
Да се префрлиме на репрезентацијата на Македонија… По три години, повторно заигра за националниот тим, какво беше чувството?
„Чувството беше навистина посебно. Да се вратиш во репрезентацијата по пауза од три години и повторно да го носиш дресот на Македонија е голема чест. Имаше емоции, но и голема мотивација да се даде максимум за националниот тим.“

Кои се вистинските можности на оваа македонска репрезентација која патот кон Европското првенство во 2029 година го почна од најниското скалило?
„Имаме потенцијал, но мора да бидеме реални – процесот ќе бара време и трпение. Имаме добри играчи, желба и енергија. Ако има континуитет и правилна работа, можеме постепено да се искачуваме и да стигнеме до нашата главна цел – пласман на Еуробаскет.“
Што е тоа што ѝ недостасува на репрезентацијата за да биде дел од европската елита, како што тоа беше пред 10-15 години?
„Реално, недостасуваат доста работи за повторно да бидеме дел од европската елита како пред 10–15 години, една од нив е континуитет и подолгорочна визија. Ни недостига систем што ќе се гради со години, а не од циклус до циклус. Сепак, мислам дека се движиме во правилна насока. Има млади играчи, има желба и полека се создава база. Ако останеме трпеливи, работиме правилно и им дадеме време на процесите, убеден сум дека Македонија повторно може да биде конкурентна на високо европско ниво.“

Ја следиш ли македонската клупска кошарка и што е тоа што ти остава впечаток во неа?
„Секако дека ја следам колку што можам и мислам дека има позитивни работи. Се гледа желба и потенцијал кај младите играчи, но во исто време јасно е дека има простор за напредок. Најважно е младите да добиваат континуирана шанса и доверба, затоа што само така можат да растат. Ако лигата продолжи да се развива чекор по чекор, убеден сум дека ќе биде подобра основа и за репрезентацијата.“
Што би си посакал на личен план во 2026 година?
„Пред сè здравје и континуитет. Сакам да продолжам да напредувам, да бидам уште поконзистентен, да играм на уште повисоко ниво и да имам значајна улога и во клубот и во репрезентацијата.“


