Точно три месеци откако дојде на чело, новото раководство на Кошаркарската федерација на Македонија го има првиот сериозен тест.
Утре во Куманово се игра првиот натпревар на сениорската репрезентација во новиот циклус од претквалификациите за Светското првенство. На гости ни доаѓа Романија која во нормални услови не би требало да претставува проблем во однос на резултатот, но поради новонастанатите околности и подмладувањето на националниот тим, може да придонесе за неизвесност. Тоа, сепак, е работа на стручниот штаб, а потпретседателот на Федерацијата, Младен Ѓуроски е задоволен од тоа како течат подготовките за натпреварот и најави спектакл во Куманово.
„Би сакал да истакнам дека ова е ново поглавје во македонската кошарка. Замолувам за трпеливост затоа што резултатите нема да изостанат во иднина. Селекторот и момците ја имаат нашата поддршка, се надевам дека им обезбедивме добри услови за подготовка. Што се однесува до натпреварот, се надевам дека ќе биде празник на кошарката и полна сала. Резултатскиот императив во моментов не го гледаме како предизвик, тука сме сите за да го дадеме својот максимум“ , рече Ѓуроски.
Иако на почетокот на својот мандат се соочи со многу проблеми и предизвици, раководството на КФМ даде се од себе за да обезбеди квалитетни подготовки за националниот тим. Најголем дел од нив беа одработени во Гевгелија каде репрезентацијата можеше да работи во мир и ѝ беа пружени одлични услови во салата на поранешна Блокотехна.


