Во спортот често зборуваме за физичката подготвеност, техничката прецизност и стратегијата на играта. Но, она што сè уште ретко го споменуваме, а уште поретко го поддржуваме, е менталната добросостојба на спортистите. Менталното здравје кај кошаркарите (и спортистите воопшто) не смее да остане табу. Време е да го препознаеме како клучен елемент на спортскиот развој.
Младите кошаркари и кошаркарки се соочуваат со секакви притисоци од страна на тренерите, родителите, публиката, и од себе. Очекувањата се високи, тренинзите се интензивни, а просторот за грешка е сè помал. Занемареното ментално здравје може да резултира со анксиозност, хроничен замор, намалена мотивација, повреди, па дури и напуштање на спортот во млада возраст.
Во светски рамки, темата за менталното здравје сѐ повеќе го добива заслужено внимание. NBA преку иницијативата Mind Health воведе правило секој тим да има лиценциран психолог и кризен план за ментална добросостојба, со цел да им се обезбеди континуирана поддршка на играчите, тренерите и судиите (Health, 2024). FIBA, пак, организира работилници за младинските натпреварувања, како што беше иницијативата „Where is Your Mind?!“ на Еуробаскет У18 и У16, каде менталното здравје беше во фокусот преку интерактивни активности со играчите (FIBA Foundation, 2024). Сѐ повеќе и европски клубови, особено од елитните лиги во Шпанија, Франција и Германија, започнуваат да вклучуваат психолози како дел од својот стручен штаб, не само за поддршка во кризни моменти, туку и за секојдневна работа на менталната издржливост, комуникација и мотивација на играчите (Associated Press, 2024). Но ова не треба да биде пракса само за елитните нивоа. Психолошката поддршка треба да биде достапна за сите категории, од најмладите школи до сениорските тимови и репрезентации.
ПОТРЕБАТА ОД ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА КАКО СОСТАВЕН ДЕЛ ОД СПОРТСКИОТ ТИМ
Без разлика дали станува збор за младински школи, клубови или репрезентации, сите спортисти имаат корист од средина што ја вреднува менталната добросостојба. Кога психолошката поддршка е природен дел од спортскиот процес, таа не само што помага во надминување на предизвиците, туку и придонесува за посветеност, самодоверба и посилна тимска поврзаност.

Токму затоа, психолошката поддршка треба да стане составен дел од секој спортски тим. Како што никој не поставува прашања за присуството на кондиционен тренер или физиотерапевт, така треба да ја нормализираме и улогата на психологот. Оваа личност може да овозможи индивидуални разговори, да поддржи групна кохезија, да работи со тренерите на препознавање и регулирање на стресот во тимот.
Тука го вклучувам и моето лично искуство како тренер и гешталт психотерапевтка под супервизија. Во 2025-та година бев дел од стручниот штаб на женската У18 репрезентација на Македонија, покрај тренерите Виктор Петровски (селектор) и Нена Трајчевска.
Имав можност и привилегија, покрај мојата тренерска улога, да работам со кошаркарите и од перспектива на гешталт психотерапевтка. Оваа улога беше поддржана од страна на стручниот штаб и прифатена со отвореност од страна на самите кошаркарки. Поддршката вклучуваше индивидуални разговори, каде што кошаркарките добија простор да ги изразат своите потреби, доживувања и емоционални искуства поврзани со играта и атмосферата во тимот. Дополнително, реализиравме неколку тимски активности кои вклучуваа заеднички дискусии и кратка психоедукација за справување со трема, анксиозност и ментална подготовка пред и за време на натпреварите на европското првенство во Литванија. Дел од пристапот беа и креативни вежби како цртање и споделување на искуства, со цел градење чувство на припадност, отвореност и меѓусебна поддршка. Особено бев благодарна за нивната вклученост и искреност, кои донесоа видливи резултати во тимската атмосфера и индивидуалниот настап на теренот.
СИСТЕМСКА ОДГОВОРНОСТ И ПОДДРШКА
Вакви иницијативи не треба да останат исклучок. Потребна е системска стратегија од страна на спортските федерации, клубови, тренери и родители. Без координирана поддршка, младите спортисти ќе продолжат сами да се борат со сопствените притисоци и емоции. Би било значајно клубовите и спортските сојузи постепено да развиваат поддршка за менталната добросостојба на спортистите, да го препознаваат значењето на емоционалната писменост и да вложуваат во едукација на тренерите и персоналот за градење безбедна и поддржувачка средина за младите.

ШТО МОЖЕМЕ ДА НАПРАВИМЕ?
- Да вклучиме спортски психолози и обучени професионалци во младинските и сениорските репрезентации и клубови.
- Да спроведуваме работилници за тренери и родители за теми како емоционална регулација, трема, перфекционизам, самодоверба.
- Да овозможиме простор за отворена комуникација каде играчите ќе можат да зборуваат за своите тешкотии без страв од осуда.
ЗАКЛУЧОК
Менталното здравје не е луксуз, туку основен дел од здравиот спортски развој. Ако навистина сакаме да изградиме средина во која младите спортисти ќе напредуваат, мора да создадеме безбеден простор, простор каде што ќе можат да зборуваат, да се изразат, да бидат слушнати и поддржани. Тоа е обврска на сите нас, федерациите, клубовите, тренерите и родителите.
Менталната добросостојба е подеднакво важна како и физичката кондиција. Време е да ја третираме со истата сериозност.
АВТОР:
Арин Агич, кошаркарски тренер која моментално работи во Будимпешта, Унгарија. Докторантка по спортска социологија на унгарскиот универзитет за спортски науки, со фокус на дискриминацијата во спортот и гешталт психотерапевтка под супервизија.
Во 2025 година беше дел од стручниот штаб на женската У18 репрезентација на Македонија, каде што ја комбинираше својата улога како тренер и психолошка поддршка за кошаркарите.
Литература
Associated Press. (2024, March 29). No stigma for Bueckers, Van Lith or Fudd. The basketball stars seek out mental health professionals. AP News. https://apnews.com/article/3ede0c54c1bec8a528814528222d3ce4
FIBA Foundation. (2024, July 11). Where is your mind?! Mental health takes centre stage – FIBA EuroBasket U18 and U16. https://www.fibafoundation.basketball/news/where-your-mind-mental-health-takes-centre-stage-fiba-eurobasket-u18-and-u16
Health. (2024, May 16). DeMar DeRozan drives mental health forward for athletes. https://www.health.com/demar-derozan-advocacy-award-8752981
NBA. (2024). Mind Health. NBA. https://mindhealth.nba.com/


