Иако утре е голем државен празник, по се изгледа македонската репрезентација ќе има голема поддршка од трибините во реновираната сала во Куманово која неодамна беше пуштена во употреба.
Последните информации од Кошаркарската федерација велат дека се продадени сите влезници за натпреварот меѓу Македонија и Романија. Тоа значи дека исклучително важниот меч ќе го проследат околу 4-5.000 гледачи што треба да биде голем ветер в грб за младите македонски кошаркари.
Утрешниот натпревар е прв за македонската репрезентација во Куманово по пауза од 26 години, па не е чудна еуфоријата која владее во овој град. Љубителите на кошарката се познати по фантастичната атмосфера која знаат да ја направат и затоа се очекува вистински спектакл.


