Играчот на Олимпија, Жига Данеу синоќа доживеа повреда на дуелот против ФМП во рамките на АБА лигата по што ја загуби свеста и мораше да му биде укажана помош.
Веднаш потоа, 22-годишниот кошаркар беше префрлен во една од белградските болници, а Олимпија утринава се огласи со позитивни вести за неговата состојба.
„По вчерашниот пад на мечот со ФМП, Жига Данеу имаше тестови во текот на вечерта кои покажаа дека нема посериозни последици и тој се чувствува добро. Утринава тој веќе се врати во хотелот и им се придружи на соиграчите, а по враќањето во Љубљана, дополнително ќе биде тестиран од клупските доктори“, пишува во соопштението од Олимпија.
Жига Данеу има 22 години и својата кариера ја почна во Олимпија, но по три години поминати во Илирија и Хелиос се врати во својот матичен клуб.


