Женската сениорска репрезентација на Македонија со шест порази го заврши настапот во квалификациите за Европското првенство иако малку недостасуваше вечерва да ја прекине лошата серија.
Во последниот меч, нашите дами загубија од Украина со 72-74 откако во првиот меѓусебен натпревар одигран во Скопје, денешниот противник славеше со 49 разлика (98-49). Дуелот одигран во Рига беше убедливо најдобар за македонската репрезентација во овој циклус, имајќи предвид дека претходниот најмал пораз изнесуваше 13 разлика, а во финишот имаше шанса да дојде и до триумфот.
Украинките не можеа да најдат противигра за Анџелика Митрашиновиќ која одигра фантастичен натпревар и си поигруваше на секој начин со противничките. Првото полувреме заврши со водство на Украина од 37-30, а 28 поени постигнаа Митрашиновиќ (17) и Николиќ (12). Во третиот период, противникот обрна малку повеќе внимание на Митрашиновиќ, па како резултат на тоа и водството се зголеми, но затоа се разиграа Хемпе, Селцова и Трајчевска кои го одржаа нашиот тим во игра.
Се чинеше дека е готово на три минути пред крајот кога Украина поведе со 71-64, ама Македонија направи серија од 8-0, два поена постигна Селцова, а шест Митрашиновиќ и на влезот на последната минута беше 72-71 за нашата репрезентација. Селцова во следниот напад направи непромислена лична грешка од која Уро-Нили израмни, па при резултат 72-72, Македонија имаше две можност да дојде до водство и можеби победа.
Прво промаши Николиќ, а потоа и Митрашиновиќ и Украинките тргнаа во последните напад. Дубњук остана само на тројка, шутираше непрецизно, но самата ја прифати топката по што беше фаулирана од Тасевска и доби две слободни фрлања на нешто повеќе од секунда пред крајот. За разлика од другите, таа два пати погоди и Украина се израдува на триумфот.
Остана некрунисана фантастичната партија на Митрашиновиќ која постигна 33 поени, 7 скока и 7 асистенции за индекс 32. Матеа Николиќ заврши со 13 поени, а двоцифрена беше уште Хемпе со 11.


