Македонската кошаркарска репрезентација доживеа убедлив пораз на гостувањето во Естонија и официјално ги загуби сите шанси за пласман на Европското првенство што ќе се одржи претстојното лето.
Иако одигра добро прво полувреме и три четвртини беше во игра за победа, на крајот Македонија загуби со 65-84, па последниот меч од квалификациите, против Полска в понеделник во Скопје, ќе биде само формалност. Естонците заслужено славеа, межу другото и поради тоа што се однесуваа како екипа, додека нашата игра зависеше од блесоците на поединци.
Естонија подобро го почна натпреварот и доминираше во првата четвртина, но во вториот период се разиграа Ти Џеј Шортс и Андреј Маслинко кои направија целосен пресврт и на голем одмор Македонија замина со минимална предност од 39-38. И кога се очекуваше нашите кошаркари да го направат финалниот притисок и да се обидат да ги достигнат потребните пет поени разлика, второто полувреме беше тотален дебакл.
За 20 минути, Македонија постигна само 23 поени, немавме одговор за расположените Естонци кои постојано го зголемуваат водството, а во последниот период дојдоа и до превисока победа во однос на она што се случуваше на теренот. Секако, сето тоа е заслужено и Естонија најверојатно како првопласирана ќе ја заврши квалификациската фаза.
Непријатно делува фактот што 56 од вкупно 63 поени за Македонија постигнаа тројца кошаркари: Шортс 21, Димитријевиќ 20 и Маслинко 15. Од останатите играчи, во листата на стрелците се запишаа само уште Робев (4), Зеќири, Магдевски (2) и Ефремовски (1) со тоа што Зеќири и Ефремовски постигнаа поени во финишот кога победникот беше познат и стана јасно дека Македонија ќе доживее убедлив пораз.
Од сите останати аспекти, македонската репрезентација одигра недостоен натпревар и тоа кога беше најпотребно Ја загуби битката под кошевите (47/30 скокови), за тројка шутираше 7/32, а вкупно од игра помалку од 34%. И Естонците не брилјираа за тројка, но од игра имаа сигурни 51%, а поени постигнаа 10 од вкупно 12 игрчи во тимот што најдобро зборува за доминацијата на колективот.


