Иако сезоната почна амбициозно и со неколку големи засилувања, Работнички го дочекува крајот на годината во расположение кое е типично за клубот во последните 15 години.
Тројца од странците си заминаа во текот на есенската полусезона, тренерот Владимир Мирковски остана со само осуммина сениори, па мораше да го крпи составот со младинци и кадети, тимот доживеа голем пад на табелата, па пред Работнички е голема неизвесност како ќе ја продолжи натпреварувачката кампања. Во морето лоши вести за тимот, барем е продолжена традицијата на настап на завршните турнири од Купот на Македонија со денешниот триумф против Тиквеш на домашен терен. Тренерот Владимир Мирковски е задоволен од победата, а пред се од залагањето на оние малку кошаркари кои ги има на располагање.
„Покрај сите турбуленции, кошаркарите издржаа и го дадоа својот максимум. Овие момци се вистински херои на Работнички. Иако Тиквеш важеше за фаворит и настапи со двајца нови кошаркари, успеавме да се пласираме на завршниот турнир на кошаркарскиот куп ‘Благоја Георгиевски’. Честитки до кошаркарите и стручниот штаб“, рече Мирковски по мечот.
Во четвртфиналето Работнички го очекува дуел против најголемиот ривал МЗТ Скопје што секако ќе биде тешка препрека за десеткратниот освојувач на Купот.


