МКК Куманово е екипа во убедливо најдобра форма во Првата македонска кошаркарска лига и ја завршува годината со серија од шест победи.
Денеска на домашен терен го совлада и досегашниот лидер на табелата ТФТ и тоа мошне убедливо, со 19 поени разлика (78-59) во меч во кој предноста одеше и до +25. Скопскиот тим за четири дена го доживеа вториот пораз, вкупно трет сезонава и се чини дека претстојниот 17-дневен одмор добро ќе му дојде за полнење на батериите.
Денеска се играше израмнето само во првите 11 минути, по 19-20, МКК Куманово направи серија од 15-0 за водство од 34-22, за на голем одмор да се замине со 44-29. По уште една низа од 10-0 во последниот квартал, домаќинот отиде на највисоките +25 (70-45), па ТФТ во финишот успеа само делумно да го ублажи дебаклот.
Одличен натпревар одигра Урош Луковиќ кој постигна 25 поени и 19 скока за индекс 39, Радукиќ додаде 19 поени, а интересно е тоа што МКК Куманово дојде до победа само со играчите од стартната постава бидејќи резервите не постигнаа ниеден поен. Говенс и Гафни со по 13 поени беа најефикасни кај ТФТ.


