Дуелот меѓу МКК Куманово и Чаир, во рамките на 21. коло од Првата македонска кошаркарска лига ќе се оддолжи и сигурно ќе трае околу три часа.
Кон средината на втората четвртина, мечот беше во прекин околу 40 минути, по вина на навивачите на домашниот тим. Поради навредливи слогани, упатени кон гостинските кошаркари и стручниот штаб, судиите прво ја прекинаа играта и ги испратија играчите на двете екипи на клупите, а нешто подоцна чаирчани заминаа во соблекувална.
За тоа време беше испразнета трибината на која се наоѓаа најжестоките навивачи на МКК Куманово, па натпреварот продолжи без нив.
Ова е трет пат сезонава да има проблеми во Куманово поради различни причини. Во ноември, против Феникс, натпреварот беше прекинат поради користење пиротехника и исто така се празнеше салата, а во јануари, на дуелот со Пелистер не работеа техничките уреди и мечот беше презакажан за следниот ден.


