По седмото коло од новата сезоната во Суперлигата, денеска дојде и до првата тренерска смена.
Прва жртва е досегашниот предводник на Гостивар, Љупчо Малинков кој ја презеде одговорноста за лошиот старт на сезоната на оваа екипа. По седум кола, гостиварци се наоѓаат на претпоследната, 11. позиција на табелата со само една победа, колку што има и последнопласираниот тим на Ангели. Единствениот триумф Гостивар го оствари токму против Ангели, а во моментов се наоѓа во серија од пет порази.
Двете страни се разделија на пријателски начин, Малинков е свесен дека резултатите не соодветствуваат со амбициите на клубот, а Гостивар ја прифати неговата оставка. Кавадарчанецот беше назначен за шеф на стручниот штаб во летото 2024 година, минатата сезона успеа да избори опстанок, но оваа кампања гостиварци ќе водат жестока борба до крајот со оглед на тоа што испаѓаат три екипи.
На местото на Малинков е назначен искусниот и трофеен македонски стручњак Александар Петровиќ кој се враќа во македонската кошарка по пауза од десет месеци. Својот последен ангажман го имаше на клупата на Пелистер од каде си замина на 22 јануари годинава.


