Македонската репрезентација го преброди најтешкото гостување во првата претквалификациска фаза за Европското првенство во 2029 година откако вечерва славеше на гостувањето во Ирска со 88-76.
По две кола, нашиот национален тим има исто толку победи и многу порелаксирано може да ги чека претстојните дуели, во 2026 година. Денешниот триумф е остварен најмногу поради одличните последни пет минути од натпреварот во кој Македонија го скрши отпорот на жилавиот противник.
Ирците многу подобро го почнаа мечот, отворија со 8-0, подоцна имаа 16-7, а го издржаа и добриот период на Андреј Јакимовски кој постигна 12 од првите 16 поени на нашата репрезентација. Се чинеше дека тоа ќе биде иницијална каписла за Македонија, но дојде нов период на криза кој домаќините го искористија за да поведат со 27-18 пред истекот на четвртината. По неколку минути игра во вториот квартал, Ирска дојде и до двоцифрено водство (35-25), но дури потоа почна одличната игра на македонската репрезентација која не само што ја анулира негативата, туку по кошот на Магдевски се избори за водство по 20 минути игра (42-40).
На стартот од второто полувреме, Македонија заигра многу подобро во одбраната, но не го скрши духот на Ирците. Тоа им успеа на нашите кошаркари дури во последната осмина од натпреварот.
На помалку од пет минути пред крајот, резултатот беше 71-71, а потоа почна пеколниот финиш на нашите кошаркари. Мечот го завршивме со 17-5 при што неколку моменти беа клучни. Прво „циркускиот“ шут на Вајли за водство со 73-71, потоа погодените слободни фрлања на Мекиќ и на 76 секунди пред крајот, тројката на Војдан Стојановски за 82-74 со што стави точка на сите дилеми околу победникот.
Повторно Андреј Јакимовски беше наш најефикасен играч, со 26 поени, но голем придонес за победата имаше и Вајли со 20 поени и 9 скока, вклучувајќи 4/4 за теројка, како и Мекиќ и Војдан кои, исто така, беа двоцифрени.
Македонија и Луксембург сега се на делба на првото место со по две победи, а овие две селекции се среќаваат во третото коло, пред крајот на февруари во Скопје.


