Екипата на Пелистер славеше во против ТФТ во дербито на 11. коло од Првата македонска кошаркарска лига.
Актуелниот вицешампион денеска пред своите триумфираше со 91-82 со што на лидерот на табелата му го нанесоа вториот пораз сезонава, а прв на гостински терен. Во исто време, ја продолжија доминацијата со овој ривал кога станува збор за дуелите во Битола бидејќи досега немаат претрпено ниеден пораз од ТФТ во својата сала. Натпреварот го одбележаа многуте осцилации на двете страни, а потоа и неизвесниот финиш.
Првото полувреме помина во израмнета игра, а Пелистер ја презеде инцијативата во третата четвртина и од минута во минута го зголемуваше своето водство. Тие 10 минути домашниот тим ги доби со 30-17, па по три период имаше огромно водство од 69-53. Во последмната четвртина ги достигна и највисоките +18 (77-59), но иако многумина помислија дека тука е крајот, драмата допрва претстоеше. Со серија од 15-2, ТФТ се доближи на 74-79, а подоцна и на 77-81, на нешто повеќе од две минути пред крајот. Сепак, последниот чекор изостана, Пелистер одигра неколку добри напади кои ги заврши со кошеви и на крајот дојде и до убедлива победа
Српскиот интернационалец Андрија Бојиќ со 23 поени беше најдобар кај Пелистер, Стајиќ додаде 16, а Антоан 15. Кај ТФТ, Хотон беше убедливо најдобар играч со 18 поени и 13 скока.


