Екипата на Пелистер оствари тешка, но исклучително важна победа во борбата за висок пласман, откако вечерва славеше на гостувањето кај Чаир со 107-99.
На битолскиот тим му беа потребни дополнителни пет минути за да стигнат до посакуваниот триумф и покрај тоа што се наоѓаа во водство во најголемиот дел од мечот. Веројатно можеа да го решат победникот во основните 40 минути бидејќи на средината од последната четвртина водеа со 12 поени разлика (83-71 и 85-73), но Чаир воскресна на магичен начин и се избори за продолжение.
Просто неверојатно звучи податокот дека на 90 секунди пред крајот на натпреварот, Пелистер водеше со 89-81, а сепак не успеа мирно да го приведе мечот кон крајот. Стардивант погоди две слободни фрлања, Билингсли заби, па Стардивант ја искористи техничката грешка на Дејвис за намалување на 86-89. Дејвис потоа промаши и две слободни фрлања по што Стардивант беше два пати прецизен од линијата, Стајиќ одговори на идентичен начин, а на 17 секунди пред крајот Ибраими погоди тројка за израмнување. Во последниот напад Стајиќ се обиде да врати со тројка, но беше непрецизен и натпреварот отиде во продолжение.
Во него Чаир поведе со 96-94, но следуваше серија од 9-1 на Пелистер за водство од 103-97 кое потоа гостите, сепак, знаеја да го задржат и да дојдат до победата.
Стајиќ со 25 поени го предводеше Пелистер за кого дури шестмина кошаркари имаа двоцифрен ефект. Билингсли беше најдобар на спротивната страна со 29 поени, но се истакна и Тачи со трипл дабл од 11 поени, 11 скока и 12 асистенции со што се запиша во историјата на македонската кошарка.


