По четири порази во низа, актуелниот вицешампион Пелистер денеска ја оствари првата победа на гостински терен во 2025 година, совладувајќи го Шкупи со 103-70.
Тоа е и прва победа на гости на новиот тренер на овој тим Ненад Трајковиќ кој ја презеде екипата пред стартот на „пролетниот“ дел од сезоната. Благодарение на денешниот триумф, Пелистер се израмни со МКК Куманово на делба на третата позиција на табелата, во пресрет на последните четири кола од основниот дел на првенството.
Битолчани дојдоа до победата благодарение на одличните втора и трета четвртина кои ги добија со вкупен резултат 56-19. Највисоката предност изнесуваше 45 поени разлика (94-49) на нешто помалку од седум минути до крајот по што Шкупи успеа да намали дел од високата негатива.
Никола Мишковиќ одигра извонреден меч кој го заврши со 33 поени, 10 скока и 7 асистенции за индекс 40. Сила повторно беше прв играч на Шкупи со 22 поени и 13 скока, но премалку за нова победа на чаирчани против Пелистер.


