По четири порази во низа во сите натпреварувања, актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер успеа да слави и тоа против досегашниот лидер на табелата во Првата лига, Чаир.
Битолчани на домашен терен славеа со 77-73 со што индиректно му помогнаа на ТФТ кој се врати на челната позиција. Натпреварот беше неизвесен до самиот крај, а малку недостасуваше Чаир да го скалпот на уште еден голем фаворит.
Гостите главно беа во негатива во текот на целиот меч, но на нешто повеќе од минута пред крајот израмнија на 70-70. Во следниот напад се случи клучниот момент. Ентоан погоди тројка, а притоа Кели го фаулира Лука Стојановски, па Пелистер доби уште една акција. Во неа поентираше Бојиќ за 75-70, Чаир не успеа да поентира во следниот напад, па Бојиќ стави точка на мечот.
Токму Бојиќ беше најефикасен во тимот на Пелистер со 18 поени, а по 15 постигнаа Стајиќ и Мишковиќ. И најдобриот стрелец на Чаир постигна 18 поени – Ролинс.


